Apple во текот на својот Spring Loaded настан го претстави новиот iMac компјутер, кој од самиот почеток е креиран и во целост центриран околу M1 чипсетот на компанијата.
Новиот iMac има 24-инчен 4.5К дисплеј (4480×2520p), со многу потенки рамки во однос на претходниот модел, а пристигнува во седум различни бои. И натаму е присутна долната рамка под екранот, но задната страна од дисплејот е целосно рамна во споредба со заоблениот дел кај претходникот. Екранот е опремен со True Tone технологијата на Apple, која автоматски ја подесува темепратурата на бојата.
Apple ветува и надградба на предната камера на iMac, која сега има 1080p резолуција и поголем сензор. Камерата и подобрените микрофони заедно овозможуваат подобри видео повици.
Новиот iMac е тенок само 11,5 милиметри, а компанијата ветува дека овој модел ќе биде потивок и постуден во однос на претходниот, благодарение на M1 чипот. Новиот модел има два мали вентилатора, кои го заменуваат огромниот систем на ладење од претходната iMac генерација.
Присутен е и новиот магнетен кабел, додека Ethernet мрежа може да се поврзе на адаптерот и да се испорача преку споменатиот кабел. На задната страна на компјутерот се наоѓаат четири USB-C порта, од кои два поддржуваат Thunderbolt.
Основниот iMac модел има 8GB RAM и 256GB простор за складирање. Заедно со редизајнираниот all-in-one компјутер, Apple претстави и нова тастатура, глувче и тракпад, со соодветните бои кои одговараат на живописната палета на новата iMac линија. Новата тастатурата сега содржи и Touch ID копче за логирање преку отпечаток од прст.
Цената на новиот iMac изнесува 1299 долари (8-core CPU/7-core GPU, 8GB RAM, 256GB SSD, Magic Keyboard) и 1499 долари (8-core CPU/8-core GPU, 8GB RAM, 256GB SSD, Magic Keyboard with TouchID), а ќе бидат достапни во продажба од втората половина на мај, додека во претпродажба ќе се најдат од 30. април.