Технолошкиот гигант Apple претставувајќи ја iPhone 12 серијата минатата година, непријатно изненади многу корисници со одлуката да ги исфрли полначот и слушалките од пакувањето. Токму поради тоа е казнет со два милиони долари.

Додека компанијата се правда со еколошки причини за ваквиот потег, не е ни чудо што повеќето луѓе не го гледаат ова како оправдан потег, а Бразилците отидоа чекор подалеку.

Бразилската агенција за заштита на потрошувачи во Сао Паоло (Procon-SP) неодамна го казни Apple со 2 милиони долари бидејќи не доставил полначи во пакувањата. Според организацијата, „Apple учествувал во лажно рекламирање и продажба на уреди без полначи под нефер услови“.

На крајот на минатата година, Apple навистина објавија дека нивните уреди ќе доаѓаат без полнач, меѓутоа, кога од Procon-SP беа прашани дали тоа значи дека телефоните ќе бидат поевтини, тие не добија никаков одговор, пренесува порталот 9to5Mac.

Тие исто така го обвинија Apple дека не обезбедува доволно квалитетна поддршка за корисниците „кои имаа проблеми по ажурирањето на софтверот“ и тврдат дека американската компанија мора да ги почитува регулативите и законите, како што прават сите други компании.