Велика Британија има предност пред своите европски соседи кога станува збор за вакцинација против коронавирус, но британски експерти тврдат дека Британците би можеле да продолжат да ги носат заштитните маски и да практикуваат социјално дистанцирање уште неколку години.

Бројот на новозаразени со коронавирус во Велика Британија се намалува, а повеќе од 27 милиони луѓе, или повеќе од половина од возрасната популација, веќе ја примиле првата доза на вакцината, велат експертите во оваа земја.

Во споредба со растечкиот број на нови случаи и просечната стапка на вакцинација од 10 проценти во Европската Унија, се чини дека Велика Британија победи во војната против коронавирусот, пренесуваат британските медиуми.

Британците полека се ослободуваат од заклучувањето, но конечната победа над пандемијата не е многу близу, анализираат тие.

Англиски експерт за имунизација за јавно здравје Мери Ремзи изјави дека Британците можат да носат маски и да ја почитуваат социјалната оддалеченост уште неколку години, или барем додека другите делови на светот не го достигнат истото ниво на вакцинација.

„Вакцините се делат нееднакво во светот, а луѓето во најсиромашните земји ќе чекаат со години за вакцинирање“, вели експертот.

Ремзи не е сама во ваквите предвидувања затоа што многу експерти се согласуваат со неа.

Велика Британија ги ублажува ограничувањата од март, но експертите, вклучително и професорот Крис Вити и сер Патрик Валанс, сметаат дека се потребни маски за да се спречи зголемувањето на бројот на нови заразени со Ковид-19.

Ремзи вели дека луѓето се навикнати да носат маски и да прават социјално дистанцирање и додаде дека луѓето можат да живеат со нив и дека економијата ќе продолжи да функционира и покрај ограничувањата.