Стапија во сила нови регулативи, со кои се бара содржината создадена со вештачка интелигенција да биде јасно етикетирана.

Сега се во сила построги регулативи за виртуелни слики и видеа, при што значителен дел од содржината создадена со помош на вештачка интелигенција (AI) сега мора да биде етикетирана, објавува Шпигел.

Дополнително, корисниците мора да бидат информирани дека комуницираат со вештачка интелигенција, како на пример кога разговараат со чатбот, а не со вистинска личност.

Новите упатства се однесуваат на слики, видеа и текстови што се користат за професионални цели, како што се онлајн рекламирање или на билборди.

Инфлуенсерите кои ја монетизираат својата содржина, исто така, мора да ги почитуваат правилата.

Сепак, оние кои објавуваат слики генерирани од AI на своите лични профили не се обврзани да ги етикетираат.

Самите даватели на AI се одговорни за етикетирањето, како што се OpenAI, компанијата зад ChatGPT, Google со својот чатбот Gemini или Meta, матичната компанија на Instagram и Facebook.

Правилата се конкретно насочени кон таканаречената „дипфејк“ содржина која е толку реалистична што може да го измами гледачот и може да се користи за манипулативни цели.

Според упатствата на Европската Унија, „дипфејк“ видеата треба да бидат означени како такви од самиот почеток, така што етикетата ќе остане видлива, или барем ќе се прикажува повторно во редовни интервали.

Се препорачува и употреба на интерактивни елементи, на пример кај манипулираните слики.

Покрај трајната етикета, известување може да се појави и кога, на пример, корисникот ќе се движи над лице кое е изменето од вештачка интелигенција, објавува германскиот весник.

За аудио датотеки, како што се подкасти генерирани од AI, на самиот почеток треба да се постави соодветна забелешка дека станува збор за говорна содржина генерирана на овој начин.

Кога станува збор за текст, се предлага употреба на ознаки за AI, на пример над самиот текст или до насловот. Општо земено, при креирање содржина со употреба на вештачка интелигенција, во датотеката треба да се внесат и машински читливи „отпечатоци од прсти“, за да можат другите системи сигурно да препознаат дека содржината е вештачки генерирана.

Дополнително, Европската канцеларија за вештачка интелигенција во Брисел моментално проверува дали постои соодветна контрола врз големите модели на вештачка интелигенција и дали тие самостојно извршуваат сајбер напади.

За таа цел, тие мора да спроведат соодветни безбедносни мерки и веднаш да ги пријават сите инциденти во ЕУ.

Ова веќе не е само теоретско сценарио, како што покажуваат два значајни неодамнешни случаи, објавува весникот.

OpenAI и Antropik, креаторот на моделот Cloud, мораа да признаат дека нивниот софтвер ненамерно започнал напади врз други компании за време на тестирањето.

Прекршувањата на прописите за вештачка интелигенција може да доведат до високи казни, при што забранетите практики за вештачка интелигенција се казнуваат со казни до 35 милиони евра, или седум проценти од глобалниот годишен промет на компанијата, кое од двете е поголемо.

Непочитувањето на обврските за транспарентност или спроведувањето на несоодветни безбедносни мерки може да резултира со казни до 15 милиони евра, или три проценти од глобалниот годишен промет, кое од двете е поголемо.

Постојните системи за вештачка интелигенција ќе бидат предмет на преоден период до 2 декември, додека новите модели што ќе влезат на пазарот ќе бидат подложени на прописите веднаш.