Глобалните испораки на паметни телефони се намалија за 11 проценти во второто тромесечје од оваа година, достигнувајќи го најниското ниво од 2013 година, според најновите извештаи.
Главната причина за ова е продолжениот недостиг на мемориски чипови што ги зголеми цените на уредите и ја ослабна побарувачката, според прелиминарните проценки од аналитичката фирма Counterpoint Research.
Производителите на мемориски чипови сè повеќе го насочуваат производството кон центри за податоци за вештачка интелигенција, каде што побарувачката е многу поголема и попрофитабилна отколку во секторот за потрошувачка електроника, објавува Ројтерс.
Како резултат на тоа, цените на мемориските компоненти дополнително растат, а производителите на телефони префрлија голем дел од овие трошоци на клиентите, особено кај уредите од пониската и средната класа. Samsung го врати своето лидерство на пазарот со удел од 24 проценти, благодарение на силната продажба на серијата Galaxy S26, подобрата достапност на уредите и помалото зголемување на цените на пазари како Индија и Блискиот Исток.
И покрај негативниот општ тренд, американската компанија Apple ги зголеми испораките во вториот квартал од 2026 година за 3% на годишно ниво, со што својот пазарен удел го достигна рекордни 20%.
Растот беше поткрепен од стабилната побарувачка за премиум модели на iPhone, додека Apple засега не ги зголеми цените на своите уреди. Аналитичарите, сепак, очекуваат дека зголемувањето на цените може да се случи во наредните месеци.
Најголем пад на испораките меѓу водечките производители забележаа кинеските компании Xiaomi, OPPO и Vivo, кои се повеќе изложени на сегментот на поевтини телефони и уреди од средна класа, каде што зголемувањето на цените најмногу ја погоди побарувачката.
