Microsoft објави детали за нов деструктивен малициозен софтвер за Windows кој им овозможува на напаѓачите далечински пристап до заразените компјутери.
Малверот, наречен GigaWiper, им овозможува на напаѓачите и следење на активностите на корисниците и целосно уништување на системот, а истражувачите првпат го идентификуваа за време на деструктивните напади регистрирани во октомври 2025 година.
Анализата покажа дека GigaWiper не е развиен како класична алатка за бришење податоци, туку како комбинација од функционалности земени од најмалку три постари семејства на малициозен софтвер, објавува Informacija.rs.
По инсталацијата, малициозниот софтвер воспоставува траен пристап до системот со креирање закажана задача наречена „OneDrive Update“, која се стартува при стартување на системот, а потоа се извршува секоја минута.
Комуникацијата со инфраструктурата за команда и контрола се одвива преку серверот RabbitMQ, додека резултатите од извршените команди се враќаат преку системот Redis. Напаѓачите можат да изберат помеѓу повеќе деструктивни дејства во зависност од целта на нападот.
Една од командите ги брише информациите за партициите, ја пребришува содржината на физичките дискови и го принудува компјутерот да се рестартира, додека другата е насочена само кон системската партиција на Windows и ја пребришува нејзината содржина повеќе пати.
GigaWiper исто така има функција што на прв поглед наликува на ransomware. Ги криптира датотеките и ја додава екстензијата .candy, но клучевите за дешифрирање се генерираат случајно и никогаш не се зачувуваат. Сепак, за разлика од класичните напади со ransomware, нема порака за откуп или опција за враќање на податоци.
Microsoft Defender веќе има детекции за GigaWiper и неговите компоненти, а компанијата препорачува да се овозможи заштита од промени во безбедносните поставки, cloud антивирус заштита и режим на блокирање на EDR, како и следење на сомнителни закажани задачи, промени во Windows recovery поставките и необични операции на дискот.
Microsoft воочи нов вирус: Прво ве шпионира, а потоа ги уништува вашите компјутери
