Технолошкиот гигант Nvidia претстави серија колекционерски картички наречени „GeForce Trading Cards“ кои, според компанијата, претставуваат „најголемите моменти во историјата на GeForce PC гејмингот“.
Маркетиншкиот потег, сепак, доаѓа во прилично лошо време, кога гејмерите ширум светот се доста лути на компанијата. Nvidia, всушност, долго време им дава приоритет на своите клиенти за вештачка интелигенција, пренасочувајќи ги ресурсите кон производство на хардвер за центри за податоци.
Оваа вештачка интелигенција предизвика огромен недостиг на компоненти за меморија на глобално ниво, а според најновите извештаи, Nvidia не планира да ја лансира следната генерација графички картички за игри пред 2027 година.
Иако времето на објавување на овие картички е катастрофално избрано, олеснителна околност е што барем компанијата не ги продава. Тие се наменети исклучиво како промотивен материјал, објавува Engadget.
Nvidia објави дека ќе ги подарува бесплатно како дел од наградите „Summer of RTX“ на своите канали на социјалните медиуми, како и на претстојните летни гејмерски настани, вклучувајќи ги Bilibili World 2026, QuakeCon 2026 и Gamescom 2026, каде што посетителите ќе можат да ги подигнат на официјалните штандови на компанијата.
Според официјалното соопштение, ова е само првата серија, што значи дека Nvidia планира да го продолжи овој тренд во иднина. Меѓу мотивите на картичките „Series 1“ се легендарниот NV1, првиот масовно произведен мултимедијален процесор на компанијата, како и познатиот GeForce 256 – официјално првиот графички процесор (GPU) во светот.
