Извршниот директор на Volkswagen верува дека најголемиот европски производител на автомобили може да ја надмине Tesla и да стане најголемиот продавач на ЕВ во светот до 2025 година.

На Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, Херберт Диес рече дека олеснувањето на проблемите со синџирот на снабдување веројатно ќе му помогне на германскиот автомобилски гигант да го „фати залет“ во наредните месеци, пишува PCPress.

„Пазарите секогаш се врзани за иднината“, рече Диес на прашањето зошто инвеститорите и даваат огромна предност на Tesla во однос на другите традиционални производители на автомобили, како што е Volkswagen.

„Tesla има сериозна предност во моментов. Tesla е веројатно најдигиталната автомобилска компанија во светот. Сепак, верувам дека можеме да ги надминеме по бројот на испорачани возила на годишно ниво до 2025 година“, изјави Диес.

Диес рече дека Tesla успеала да покаже добри резултати и висок принос со кредибилен деловен модел. Сепак, тој го потврди своето верување дека Volkswagen наскоро би можел да ја намали разликата кога станува збор за продажба на електрични возила.

„Мислам дека за Tesla зголемувањето веројатно ќе биде малку поголем предизвик сега. Тие отвораат нови погони и ние се трудиме да ја задржиме брзината. Мислиме дека ќе фатиме залет во втората половина од годината“, изјави Диес.

Повеќе од две години по пандемијата на коронавирус, автомобилската индустрија продолжува да се бори со предизвикот да набави клучни делови и да произведе доволно возила за да ја задоволи побарувачката. Недостигот на критични залихи, особено кога станува збор за производството на батерии, се очекува да биде постојано ограничување на растот на продажбата на електрични возила во годините што доаѓаат.

Сепак, Диес рече дека сè уште има некои позитивни работи. Тој очекува дека од средината на годината ќе се забележи одредено олеснување на пазарот за набавка на полупроводници.

„Би рекол дека ќе видиме ублажување на оваа ситуација до средината на годината и би требало да бидеме во подобра форма во втората половина доколку ситуацијата не се влоши, што мислам дека нема да биде случај“, изјави Диес.

Запрашан дали тоа значи дека кризата со полупроводниците може да заврши во втората половина од годината, Диес рече: „Не би рекол дека ќе биде готово, но гледаме дека ситуацијата е многу подобрена. Мислам дека синџирите на снабдување и пазарот полека се враќаат во нормала“.