Хеликоптерот Ingenuity, кој на Марс го испрати американската вселенска агенција НАСА, за прв пат полета на Црвената планета пред точно една година, на 19 април 2021.
Ова е прв случај на полетување на вселенско летало од Земјата во друг свет. Историскиот лет дојде откако хеликоптер слета во внатрешноста на роверот Perseverance на површината на Марс во кратерот Езеро на 18 февруари 2021 година, а два месеци подоцна Ingenuity за прв пат полета. Тоа беше лет на висина од три метри, а траеше 39 секунди. Сепак, ова докажува дека е можно да се истражува Марс од „воздух“ иако атмосферата на Црвената планета има само 1 процент густина во споредба со атмосферата на Земјата на ниво на морето.
Ingenuity со леснотија ги извршуваше своите задачи и продолжи да лета, а една година подоцна има 25 летови зад себе и нема намера да застане тука.
Тимот задолжен за мисијата оди до границите на хеликоптерот, а за време на 25-тиот лет на 8 април, Ingenuity прелета 704 метри и достигна брзина од 19,8 km/h, што е негов рекорд.
Хеликоптерот на НАСА сега спроведува извидување за да му помогне на тимот да планира безбедна рута за роверот Perseverance и да ги идентификува потенцијалните научни цели.
Издржливоста на Ingenuity е резултат на работата на експерти и креативци, а според НАСА, леталото се уште е во добра состојба па ќе продолжи да лета. Новата задача е да му помогне на роверот да ја истражи делтата на реката што некогаш постоела во кратерот Езеро. Исто така, работата на Ingenuity ја поставува основата за уште поголеми мисии на Марс. Лабораторијата на НАСА за млазен погон веќе прави планови за поголеми и понапредни наследници кои ќе можат сами да го истражуваат Марс. Во моментов, целата комуникација со Ingenuity се врши преку роверот Perseverance.