Откако ја воведе долгоочекуваната можност за користење на иста сметка на еден телефон и повеќе други уреди во 2021 година, сега WhatsApp ја воведе можеби најбараната функција досега.

Имено, сега можете да ја користите истата сметка на WhatsApp на најмногу пет телефони, а секој дополнителен телефон го поврзувате на ист начин како што поврзувате веб прелистувачи, таблети и десктоп компјутери на WhatsApp.

Секој поврзан телефон се поврзува со WhatsApp независно, обезбедувајќи вашите пораки, медиуми и повици да останат шифрирани од крај до крај (end-to-end encryption), пишува GSMArena.

Понатаму, ако вашиот примарен телефон е неактивен „подолг период“ (компанијата не одредува попрецизен временски период), тогаш автоматски ќе бидете одјавени од сите секундарни уреди, како безбедносна мерка на претпазливост. Ова ажурирање веќе започна да пристига за корисниците ширум светот, а воведувањето ќе биде завршено „во наредните недели“.

Покрај тоа, WhatsApp исто така претставува „подостапен начин“ за поврзување со придружните уреди. Ќе можете да го внесете вашиот телефонски број на WhatsApp Web за потоа да добиете еднократна шифра, која можете да ја користите на вашиот телефон за да овозможите спарување на уредите, наместо да мора да скенирате QR-код.

Ова во моментов се појавува само на WhatsApp Web, но се ветува дека ќе дојде и на „повеќе уреди за поддршка во иднина“, пренесува Index.