Американската вселенска агенција NASA успешно ги изврши клучните тестови на земја на својот суперсоничен авион.

Станува збор за суперсоничен авион X-59 кој е дизајниран да ги намали гласните ударни бранови карактеристични за пробивање на звучниот ѕид и да достигне брзина поголема од брзината на звукот (1.235 км/ч) додека лета над населени места. Клучните тестови беа спроведени во Форт Ворт, Тексас и беа успешни.

Авионот сега е вратен во објектот на Lockheed Martin’s Skunk Works во Палмдејл, Калифорнија.

„Извршени се копнени тестови за да се осигура дека леталото може да ги издржи сите ефекти на суперсоничен лет, односно брзина на летање поголема од 1 мах. Системите за гориво на авионот беа калибрирани и тестирани во објектите Форт Ворт, а откако беше вратен во Калифорнија, X-59 ќе изврши нови копнени тестови бидејќи се приближува до целосното завршување на развојот и продолжува да напредува на патот до својот прв лет“, се вели во соопштението на NASA.

NASA и јапонската вселенска агенција JAXA ќе направат независни мерења на малиот модел пред да ги споредат резултатите, а доколку се оди според планот, ќе биде одреден датумот за првиот пробен лет. Тоа треба да се случи малку подоцна оваа година.

Летови за акустична валидација ќе се вршат во текот на 2023 година, а летови над населени места се планирани за 2024 година. После тоа, NASA планира да ги достави резултатите до Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и Федералната управа за авијација во текот на 2027 година.

Врз основа на овие информации, регулаторните органи ќе одлучат дали се потребни промени во правилата за забрана на суперсонични летови над копно. Одлуката се очекува во 2028 година.

Крајната цел на NASA е да го реши проблемот со ударните бранови предизвикани од пробивањето на звучната бариера и на тој начин да се пресели во иднината на комерцијалните суперсонични летови над копно, со што драстично ќе се намали времето на летот.