Компанијата Facebook на сите начини се обидува да ја врати довербата на корисниците, која и самата ја наруши со новите услови за користење на WhatsApp.

Минатиот месец, корисниците на WhatsApp добија известување со многу правни термини, каде меѓу другото се наоѓа и дел во кој пишува дека WhatsApp ќе работи со другите апликации во рамки на компанијата Facebook, а таму, на пример, спаѓаат Facebook и Instagram.

Така корисниците со прифаќањето на договорот, на Facebook би му овозможиле голем број овластувања кои не одат баш заедно со апликација за енкриптирана размена на пораки, што е имиџ, кој WhatsApp веќе долго време се обидува да го одржи.

Во известувањето беше наведено и дека ажурирањето нема да може да биде одбиено, туку дека само може да се одложи- кога ќе дојде крајниот рок, ќе мора да направите избор, или да останете без апликација, или да ја ажурирате. Милиони корисници тогаш одлучија да прејдат на конкурентните апликации како Signal, Viber, Telegram и други.

На официјалниот блог, WhatsApp сега потврдува дека продолжува со промените кои се зацртани. Компанијата одлучила да биде потранспарентна во комуникацијата со корисниците, па така детално на сите ќе им биде пратено известување во кое ќе пишува што точно се менува, и на кој начин.

Рокот за прифаќање на ажурирањето и новите услови за приватност е до 15 мај, а останува да се види како ќе се одвиваат работите дотогаш. Можеби популарноста на Signal и Telegram уште повеќе ќе порасне, а на корисниците сепак ќе им се допадне тоа што WhatsApp станува потранспарентен, па нема да имаат ништо против промените кога ќе им бидат објаснети.