Научниците утврдиле дека планетата Земја во текот на 2020 година имала најтивок период во изминатите неколку децении бидејќи пандемијата на Ковид-19 значително ја намалила човековата активност и нејзиното влијание врз кората на планетата, пишува британски The Guardian.

Весникот наведува дека меѓународна група на сеизмолози од 33 земји измериле пад до 50 проценти во таканаречената амбиентална врева создадена од луѓето што патуваат и од фабриките за време на нивната работа откако строгите мерки за заклучување стапија во сила во многу земји во светот.

Тимот, во кој биле вклучени експерти од швајцарската сеизмолошка служба од Универзитетот ЕТХ во Цирих, во текот на 2020 измерил пониски нивоа на бучава на 185 од вкупно 268 анализирани сеизмички станици во светот, пренесува британскиот весник.

The Guardian пишува дека градската бучава била помала и за 50 проценти на некои мерни станици во текот на неделите на најстрогите заклучувања бидејќи била намалена фреквентноста на автобусите и возовите, авионите приземјени, а фабриките затворени.

Бучавата во некои случаи била помала и во споредба со периодот околу Божик од некои претходни години, што традиционално се смета за најтивок период во годината.