YouTube од денеска почнува да прикажува реклами на видеата на одредени креатори, но нема да им исплаќа никакви приходи, бидејќи не се доволно „големи“ да се вклучат во партнерската платформа за монетизација.

Кога рекламите се прикажуваат на YouTube видеата, овие креатори обично остваруваат дел од приходите. Меѓутоа, новите правила на монетизација велат дека креаторите што не се дел од партнерската програма ќе имаат реклами на своите видеа, но нема ништо да заработуваат од тоа.

Новата пракса воглавно ќе влијае на помалите креатори кои немаат голема гледаност. Инаку, партнерската програма на YouTube бара авторите да акумулираат вкупно 4000 часа гледање во последните 12 месеци и да имаат повеќе од 1000 претплатници.

Огласувањето е голем бизнис за YouTube и неговата матична компанија Google, но и за креаторите кои можат да се потпрат на поголема заработка во случај на рекламирање преку нивните канали и видеа.

Сега YouTube ќе може да прикажува повеќе реклами, а при тоа нема да мора да им плаќа на бројните креатори. Компанијата потврди дека рекламите и натаму нема да се прикажуваат на видеата на непартнерските креатори, што се насочени на почувствителни теми. Тоа ги вклучува политиката, религијата, алкохолот и коцкањето.