Се досега беше нејасно дали лицата кои биле заразени со SARS-CoV-2 вирусот, односно кои го прележале Ковид-19, имаат трајна имунолошка меморија која би ги заштититла од нова инфекција. 

Неколку студии покажаа дека антитела специфични за SARS-CoV-2 вирусот се присутни кај луѓе кои го прележале Ковид-19 и до неколку месеци и дека ова може да им обезбеди привремена заштита од нова инфекција со новиот коронавирус.

Но, тим научници од Медицинскиот центар на Универзитетот во Фрајбург откриле дека по закрепнувањето од вирусот, се формираат имуни клетки кои остануваат во телото и можат да посредуваат во брз имунолошки одговор во случај на нова инфекција.

Студијата, спроведена од научен тим од Универзитетот во Фрајбург, е објавена во научното списание Nature Medicine.

„Овие таканаречени мемориски Т-клетки, кои се формираат по инфекцијата со SARS-CoV-2 вирусот, се слични на оние што настануваат по грипот. Затоа, убедени сме дека повеќето луѓе кои преживеале инфекција на вирусот, имаат одредена заштита од повторна инфекција со овој вирус“, нагласува др. Маике Хофман од споменатиот универзитет и еден од авторите на наведената студија.

Нејзиниот колега, проф. д-р Роберт Тим ​​нагласува, пак, колку била битна тесната соработка помеѓу клиниката и науката.

„Од една страна, пациентите со Ковид-19 се лекуваат во нашите одделенија и продолжуваат да бидат згрижени по закрепнувањето во специјална клиника за надворешни пациенти. Од друга страна, нашата клиника има голема стручност во анализата на имунолошките клетки кај вирусни инфекции како што се хепатитис Б и Ц“, објаснува Тим.

Нивниот колега др. Кристоф Нојман-Хафелин е оптимист во врска со резултатите од студијата и тврди дека имунитет по инфекција постои.

„Нашите резултати сугерираат дека може да се постигне имунитет против SARS-COV-2 вирусот по инфекцијата. Благодарение на нашиот висок научен квалитет, сега можеме да дадеме важен придонес во борбата против пандемија на коронавирусот“, заклучува Нојман-Хефелин.