Апликацијата за споделување фотографии и видеа Instagram ќе го престигне Twitter како извор на вести, покажува извештајот 2020 Reuters Institute Digital News.

Во истражувањето се наведува дека употребата на вести на Instagram од 2018 година е двојно зголемена.

Овој тренд е најсилен меѓу младите. Во извештајот се наведува дека речиси четвртина од младите луѓе на возраст меѓу 18 и 24 години од Обединетото Кралство го користат Instagram како извор на вести за коронавирусот.

Сепак, социјалните мрежи се меѓу изворите во кои испитаниците имаат најмалку доверба, пренесува BBC.

Само 26 проценти од луѓето изјавиле дека им веруваат на социјалните мрежи како извор на информации за вирусот. Сличен процент од луѓето изјавиле дека веруваат во вестите што се споделуваат преку апликации за разговор како Facebook Messenger и WhatsApp.

Од друга страна, околу 59 проценти од испитаниците имаат доверба во националните влади и новинарските организации.

Instagram сега го користат повеќе од една третина од луѓето кои одговориле на анкетата и две третини од луѓе на возраст од 25 години, а 11 проценти го користат Instagram за вести, што ја става оваа социјална мрежа само едно место зад Twitter.

– Instagram стана многу популарен кај помладите луѓе, изјави шефот на истражувањето, Ник Њумен, додавајќи дека младите реагираат навистина добро на приказните кои се визуелно едноставни и добро раскажани

Њумен додаде дека тоа не мора да значи дека еден извор ќе замени друг, туку дека корисниците почнуваат да користат комбинација на извори, како на пример Facebook и Instagram или Twitter и Instagram.

Instagram, кој е во сопственост на Facebook (како и WhatsApp), сега секоја недела допира до 85 проценти од луѓето. Доминацијата што ја презема од Twitter се објаснува со начинот на кој се пласираат информациите.

Одделни визуелни приказни во последниве месеци помогнаа во глобалните случувања, како што се оние за климатските промени, движењето „Black Lives Matter“ и коронавирусот.