Samsung со години доминира на пазарот на паметни телефони. Со оглед на тоа што произведува широка палета на телефони, од премиум до буџетскиот сегмент, доминацијата на јужнокорејската компанија не претставува изненадување. Сепак, според најновите извештаи од пазарот, се чини дека Apple успеа да го престигне Samsung за прв пат од 2016 година.
Според истражувачката комоанија Gartner, годишниот раст на Apple изнесувал 14,9 проценти, додека Samsung забележал пад на продажбата за 11,8% во истиот период. Гледајќи ја целата 2020 година, Apple остварил раст од 3,3 проценти, додека Samsung има пад од 14,6 отсто. Ова е доста интересно ако се знае дека Apple продава само неколку iPhone модели, во споредба со Samsung, кој има поширока распространетост на пазарот.
Според Аншул Гупта, висок директор за истражување во Gartner, изгледа дека 5G помогнал во зголемувањето на побарувачката на паметни телефони, дури и за време на економската криза предизвикана од пандемијата.
“Продажбата на поголем број 5G смартфони и уреди од нискиот и среден сегменти го забави падот на пазарот во текот на 2020 година. Иако потрошувачите останаа претпазливи во трошењето ресурси, 5G телефоните и одличните карактеристики на камерата ги охрабрија крајните корисници да купуваат нови смартфони во овој период или да ги надградат моменталните уреди”.
Останува да се види дали Apple ќе може да го задржи водството или Samsung ќе може да се опорави. Претходните извештаи сугерираат дека кинеските производители на телефони, како што се Xiaomi или Oppo, би можеле евентуално да доминираат на пазарот, сега кога Huawei полека го губи пазарниот удел што го имаше.