Францускиот регулатор во средата го казни Гугл со 250 милиони евра за кршење на авторските права на издавачите на медиуми, предупредувајќи за неовластена употреба на нивната содржина во „учење“ на чет-бот базиран на вештачка интелигенција.

Група водечки медиумски организации во Франција, вклучително и новинската агенција Франс Прес, се пожалија пред неколку години дека Гугл ја користи нивната интернет содржина без дозвола и со тоа ги прекршува нивните авторски права.

Тој спор се чинеше дека е решен во 2022 година кога американскиот технолошки гигант се откажа од жалба против казната од 500 милиони евра наметната на крајот од истрагата од регулаторот за конкуренција Autorité de la Concurrence.

Регулаторот објави дека Гугл прекршил четири од седумте обврски во спогодбата, вклучително и преговарање со издавачите со добра волја и обезбедување транспарентни информации.

Во процесот на порамнување, американската компанија се обврза да не ги оспорува утврдените факти и предложи голем број мерки за корекција на спорната практика, забележува регулаторот.