Од 1 декември, Google ќе ги избрише сите стари и неактивни Google сметки, односно оние што не биле користени најмалку две години. Така, e-mail-от, односно gmail и другите содржини, како што се фотографиите, записите во календарот, контактите и документите од Disk, ќе бидат избришани, во согласност со новата политика на компанијата.

Чистењето на целиот систем има за цел да ги заштити корисниците од безбедносни закани, како што се спам, фишинг измами и кражба на сметки, објаснува Google.

Зошто Google брише неактивни сметки?
Google ги брише неактивните сметки од својот систем бидејќи, како што велат, „поголема е веројатноста да бидат компромитирани“.

Ненадгледуваните сметки често се потпираат на стари или повторно употребени лозинки, имаат помалку безбедносни проверки од корисниците и имаат 10 пати поголема веројатност да немаат поставено двофакторна автентикација, покажуваат внатрешните податоци на Google.

Кога сметката е компромитирана, „може да се користи за се, од кражба на идентитет до спам или дури и злонамерна содржина“, се вели во соопштението на компанијата за промената на политиката.

Кога и кои сметки на Google ќе се избришат?
Google ќе започне со укинување на неактивни сметки на 1 декември 2023 година, според известувањето што тие самите го објавија на страницата. Ќе започне со елиминирање на сметките што луѓето ги создале, а потоа никогаш повеќе не ги посетиле.

Според новата политика на Google, „ако сметката на Google не била користена или најавена најмалку 2 години, сметката и нејзината содржина, вклучително и содржината во Google Workspace (Gmail, Docs, Drive, Meet, Calendar) и Google Photos“ може да биде избришана.

Сепак, новите правила важат само за личните сметки на Google, што значи дека училишните или работните сметки не се засегнати. Дополнително, Google нема да ги отстрани сметките што прикачувале видеа на YouTube или имаат активни претплати на апликации или услуги за вести, според новата политика на компанијата.

Пред бришењето, корисниците ќе добијат „повеќе известувања“ дека нивните сметки ќе бидат укинати пред тоа навистина да се случи, се вели во соопштението на компанијата.

Како да спречите бришење?
Секој со стара сметка што сака да спречи нејзино бришење може да се најави и да користи една од алатките на компанијата, како што се Gmail, Google Drive, Google Photos и Google Play.

Дејствата што ќе му сигнализираат на Google дека е активен вклучуваат читање или испраќање е-пошта, користење на Google Drive, гледање видеа на YouTube, преземање апликација од продавницата на Google Play, користење на Google Search, користење најава на Google за пристап до апликација од трета страна или услуга.