Пред неколку дена се појавија информација дека Huawei кон крајот на февруари треба да го претстави својот Mate X2 флексибилен телефон, а сега го имаме и официјалниот датум на објавување на уредот. Според официјалниот Weibo профил на Huawei, следниот флексибилен уред на кинеската компанија ќе биде претставен на 22. февруари.

Тизер-фотографијата сугерира дека Mate X2 овој пат ќе се свиткува навнатре, за разлика од моделите Mate Xs и Mate X чии екрани се отвораа нанадвор. Кога станува збор за официјални информации, тоа е сè што засега е познато.

Според дојавувачите, Huawei Mate X2 ќе користи 5nm чипсет, за кој се верува дека ќе биде Kirin 9000 серија, а телефонот ќе го красат и нови технологии. Претходниот TENAA листинг  откри поддршка за 5G конекција и 66W брзо полнење на батеријата.

Смартфонот треба да има 8,1-инчен дисплеј кога ќе се отвори, со стапка на освежување на екранот од 120Hz. За конекција ќе бидат задолжени Wi-Fi 6 и Bluetooth 5.1, а сензорот за отпечатоци ќе биде сместен од страна на рамката. Оперативниот систем е EMUI 11, заснован на Android 10.