Московскиот суд издаде налог за апсење во отсуство за портпаролот на Мета, Енди Стоун, под обвинение за промовирање тероризам.

„Судот го прифати барањето на истражниот судија за определување на превентивна мерка притвор во отсуство против Е.М.Стоун“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.

Претходно руското МВР распиша потерница по Стоун.

Главните социјални платформи на Meta – Facebook и Instagram, беа забранети во Русија набргу по избувнувањето на конфликтот во Украина во февруари минатата година.

Во март 2022 година, рускиот истражен комитет отвори кривична истрага против „незаконските дејствија на вработените во компанијата Meta“.

Во истрагата се споменува и Стоун затоа што, како што се наведува, ја прекршил „забраната за повикување насилство врз руската војска на своите платформи“ и со тоа поттикнал екстремистички, антируски активности.