Сем Кари се шокирал кога видел дека неговата сметка е „подебела“ за 250 илјади долари, а дека исплатувачот е Google.

Можеме само да замислиме како се чувствувал Сем Кари кога неодамна дознал дека неговата сметка е „подебела“ за 250.000 долари. Тој добил неочекувана исплата од Google, но не разбрал зошто.

Кари е инженер кој ја тестира безбедноста и ранливоста во софтверот на бројни компании, меѓу кои и Google, но за американските медиуми изјави дека не направил никаква нова работа за таа компанија, особено не работи за која би добил 250.000 долари. Google, како и други компании, често нудат награди за пронаоѓање на пропусти во нивниот софтвер, но најчесто наградите се неколку илјади, а не стотици илјади долари.

Бидејќи не ги заработил тие пари, веднаш стапил во контакт со Google, а парите не ги потрошил, туку ги задржал за да и ги врати на компанијата. Сепак, како што напиша на Твитер минатата недела, поминаа околу три недели од неочекуваната уплата, а Google не го контактирал со информации како да ги врати парите. На таа социјална мрежа тој објави скриншот од уплатата и напиша дека е во ред доколку Google не сака парите назад.

Новинарите го контактирале и Google, а од компанијата потврдиле дека неодамна платиле пари на погрешна личност, нагласувајќи дека исплатата е поради човечка грешка и дека работат на решавање на проблемот.

На Business Insider, тие потсетуваат на неодамнешниот случај кога крипто берза по грешка префрлила 10 милиони долари наместо 100 долари. Додека Crypto.com ја сфати грешката, веќе поминаа седум месеци, а дотогаш жената веќе потрошила големи суми пари и ги префрлила на други сметки.