На почетокот на септември минатата година компанијата Sony го претстави телефонот Sony Xperia 5 IV. Како што се приближуваме до септември оваа година, се поблиску сме и до претставувањето на неговиот наследник, кој ќе се вика Sony Xperia 5 V. Сега откриваме како ќе изгледа овој телефон.

Корисникот на Reddit JB2unique објави официјално промо видео за овој паметен телефон.

Видеото ни го прикажува освежениот дизајн на телефонот Xperia 5 V во споредба со неговиот претходник. На задната страна на телефонот има две камери, поставени една под друга. Ова значи дека телефонот најверојатно ќе има главен и ултра-широк сензор, како и дека ќе го прескокне телефото сензорот, кој беше присутен на сите четири негови претходници.

Предната страна изгледа речиси идентично со својот претходник, а уредот ќе го задржи 3,5 милиметарскиот приклучок за слушалки. Ќе биде достапен во најмалку три бои прикажани на крајот од видеото – црна, бела и сина.

Единствените познати спецификации на овој уред засега се дека ќе се напојува со чипсет Qualcomm Snapdragon 8 Gen 2, кој ќе биде поврзан со до 16 GB RAM, а ќе доаѓа и со поддршка за брзо полнење од 33 W.

За потсетување, Xperia 5 IV користи чип Qualcomm Snapdragon 8 Gen 1. Телефонот има 6,1-инчен OLED екран со резолуција од 1080 x 2520 пиксели, со стапка на освежување од 120 Hz.

Телефонот има три сензори за камера на задната страна – главен сензор од 12 MP f/1.7, ултра широк сензор од 12 MP f/2.2 и телефото сензор од 12 MP f/2.4, со ZEISS задолжен за обработка на фотографии. Сите три сензори имаат автофокус, додека главниот и ултраширок имаат поддршка за OIS. На предната страна, има надградена селфи камера од 12 MP f/2.0 со фиксен фокус.