Извршниот директор на Tesla, Илон Маск, извршниот директор на Meta, Марк Цукерберг и извршниот директор на Alphabet, Сундар Пичаи, денеска се сретнаа со американски конгресмени во Капитол на затворен форум за регулирање на вештачката интелигенција.

Законодавците разгледуваат начини да ги ублажат опасностите од новата технологија, која доживеа бум во инвестициите и популарноста кај потрошувачите по објавувањето на ChatGPT на OpenAI.

„За нас е важно да имаме судија“, им рече Маск на новинарите, додавајќи дека регулаторот е потребен „за да се осигура дека компаниите преземаат активности кои се безбедни и од општ јавен интерес“.

Сенаторот од Њу Џерси, Кори Букер, ја пофали дебатата, истакнувајќи дека сите учесници се согласија „владата да има регулаторна улога“, но изработката на закони ќе биде предизвик.

Законодавците сакаат заштитни мерки против потенцијално опасни „deepfake“ видеа, мешање во изборите и напади врз критичната инфраструктура.

„Денес започнуваме огромен, комплексен и витален потфат: градење на основата за надпартиска политика за вештачка интелигенција што Конгресот може да ја усвои“, рече лидерот на демократите во американскиот Сенат, Чак Шумер во своето воведно обраќање.

„Конгресот мора да игра улога бидејќи без Конгресот нема да ги максимизираме придобивките од вештачката интелигенција или да ги минимизираме ризиците“, додаде тој.

На состанокот, меѓу другите, беа шефот на Nvidia Џенсен Хуанг, првиот човек на Microsoft Сатја Надела, IBM Арвинд Кришна, поранешниот шеф на Microsoft Бил Гејтс и други.

Шумер, кој разговараше за вештачката интелигенција со Маск во април, рече дека учесниците ќе разговараат „зошто Конгресот треба да дејствува, кои прашања да ги поставуваат и како да се изгради консензус за безбедни иновации“.

Маск и другите технолошки лидери и експерти за вештачка интелигенција повикаа во март на шестмесечна пауза во развојот на системи за вештачка интелигенција понапредни од GPT-4 на OpenAI поради потенцијалните ризици за општеството.