Роверот Perseverance на NASA треба да слета на Марс вечерва по седум месеци патување и поминати 468 милиони километри.

Ако сè оди како што треба, тоа ќе биде најамбициозната и технолошки најсофистицирана мисија на Марс што може да понуди дефинитивни одговори на прашањето дали некогаш имало живот на Црвената планета.

Директниот пренос од контролата на мисијата на NASA започнa во 20:15 часот, а слетувањето се очекува во 21:55 часот. Набргу по слетувањето, роверот треба да ги испрати своите први фотографии од површината на Марс, но тие ќе бидат со низок квалитет. NASA подоцна ќе објави видео од слетувањето.

Perseverance е петтиот ровер што NaSA го испрати на Марс, и тој треба да слета во сè уште неистражена област – кратерот Језеро, именуван по село во БиХ.

Зошто е избран кратерот Jeзеро за слетување? Се работи за едно од најдобрите места за барање древен живот бидејќи пред околу 3,9 милијарди години веројатно бил исполнето со вода. Претходните анализи покажаа дека наслагите во кратерот се богати со минерали кои се формираат во присуство на вода, што значи дека некогаш таму можело да има живот. Во слични седименти на Земјата вообичаено се наоѓаат фосили.