Дури и сиромашна земја како што е Непал може да се пофали со технолошки развој бидејќи локалниот стартап „Пајала технолоџи“ разви роботи за услужни дејности во главниот град Катманду, објави француската агенција АФП.

Роботите веќе се инсталирани во локалната банка, а сега ги послужуваат гостите како келнери во ресторанот „Науло“ користејќи непалски и англиски јазик во комуникацијата со гостите.

Роботот наречен Џинџер е висок 1,5 метар, ги зема нарачките, ги пренесува во кујната и потоа го зема јадењето и им го послужува на гостите.

Во ресторанот „Науло“ во моментот работат три роботи Џинџер.

Гостите се воодушевени, особено децата, кои не ја пропуштаат можноста за заедничко фотографирање, објави АФП.