Објавена е листата на најпродавани телефони во светот за првите шест месеци од оваа година, а на неа доминираат две компании.

Иако меѓу 10-те најпродавани телефони во светот има пет модели на Apple и пет Samsung, Apple доминира на врвот на таа листа, па така првите четири најпродавани телефони во светот се моделите на iPhone.

Особено е интересно и изненадувачки што во првите шест месеци од 2023 година, најпродаван телефон во светот беше iPhone 14 Pro Max, најскапиот модел на Apple чија цена започнува од 1.100 долари. Во тој период продадени се 26,5 милиони од овие модели, додека втор најпродаван телефон е iPhone 14 Pro, чија продажба достигна 21 милион примероци.

Минатата година ситуацијата беше малку поинаква, па најпродаван телефон во првите шест месеци од 2022 година беше iPhone 13, кој продаде речиси 34 милиони примероци, додека на второто место беше iPhone 13 Pro Max со 23 милиони продадени единици, а на четвртото место се најде iPhone 13 Pro со 14,8 милиони продадени модели.

Трет најпродаван телефон оваа година е iPhone 14 (16,5 милиони примероци), а iPhone 13 се уште е многу популарен, па е на четврто место со 15,5 милиони продадени модели. Следниот iPhone на оваа листа е моделот iPhone 11 и е на десеттото место со речиси 7 милиони продадени единици.

Сите други места, значи, се окупирани од телефоните на Samsung. На петтото место е Galaxy A14 (12,4 милиони продадени примероци), шести е Galaxy S23 Ultra (9,6 милиони), по што следат Galaxy A14 5G, Galaxy A54 5G и Galaxy A34 5G.

Аналитичката компанија Omdia нагласува дека во последно време има пад на пазарот на паметни телефони, а тоа особено се однесува на пазарот на уреди од пониска и средна категорија, кои беа најтешко погодени од рецесијата, но една од причините за падот на продажбата лежи во проширување на пазарот на користени телефони.

Од друга страна, зголемена е побарувачката за премиум модели, што најдобро се гледа по тоа што најскапиот модел на Apple е најпродаваниот телефон во светот, а високо котира и најсилниот модел на Samsung, S23 Ultra.

Ќе биде интересно да се види каква ќе биде побарувачката за претстојните телефони на Apple, бидејќи компанијата наскоро ќе претстави нова генерација на iPhone.

Иако очекувањата се секогаш големи, Apple сепак предупреди на пад на побарувачката на пазарот на паметни телефони, што може да влијае и на продажбата на моделите од серијата iPhone 15, но сепак имаат големи очекувања за нивниот најсилен и најскап модел, iPhone 15 Pro Max.