Сметките на Facebook сè уште се многу барани на темната мрежа, па сајбер-криминалците постојано смислуваат нови начини да ги измамат корисниците на социјалната мрежа.

Тоа значи дека корисниците мора постојано да бидат будни и информирани за тековните измами на платформата. Една од нив е измама која вклучува „злонамерно означување“.

Хакери упаѓаат во сметката на корисникот и потоа ги означуваат пријателите на хакираниот корисник во објави дизајнирани да шокираат и да привлечат внимание како „штотуку настрадав во несреќа“. Кога корисникот ќе кликне на врската, таа го носи на лажна страница за најавување на Facebook дизајнирана да ги украде информациите за најавување на сметката на Facebook. Со тие податоци во рака, сајбер-криминалците можат да направат огромна штета користејќи ги информациите за вашата сметка за пристап до други платформи и сајтови.

Facebook ви овозможува да се најавите на други платформи преку вашата сметка на мрежата. Измамниците го знаат ова. Така, со вашата сметка на Facebook, тие можат да добијат пристап до други сметки каде што имате лични информации, и така да можат да го украдат вашиот идентитет или да добијат пристап до вашите банкарски сметки.

Можеби ова не е најсофистицираната измама, но фактот што хакерите ја користат оваа тактика значи дека таа функционира.

Значи, ако пријател на Facebook одеднаш ве означи во некоја чудна објава, веројатно е најдобро да бидете внимателни и да не ја отворите врската во објавата. Дополнително, ако сакате да се заштитите од овие и други измами, користете двофакторна автентикација.

Ако сте кликнале на нешто и во следниот момент сфативте дека не требаше да го направите тоа, брзо сменете ја лозинката. Ако сте означени во сомнителна објава, отстранете ја ознаката, пријавете ја објавата на Facebook и избришете ја од вашиот профил. Ако мислите дека профилот на вашиот пријател е хакиран, не контактирајте го преку Facebook, туку повикајте го или праќајте му пораки преку некоја друга апликација.