Францускиот старт-ап Airseas успешно тестираше огромен „змеј“ кој може да влече и да им помага на товарните бродови за време на пловењето.

Станува збор всушност за парафоил змеј (250 метри квадратни) кој за прв пат беше тестиран во декември 2022 на товарниот брод „Ville de Bordeaux“ тежок 21.528 тони.

„Горди сме што имаме решение кое сега може да им помогне на бродовите да ги намалат нивните емисии и да ја забрзаат декарбонизацијата на поморскиот сектор во наредните години“, рече Винсент Бернантес, извршен директор на Airseas.

Компанијата веќе привлече некои големи шпедитори и инсталираше неколку погонски Seawing системи на бродовите за транспорт на товар.

„Задоволство ни е да потврдиме дека ја завршивме првата инсталација на системот Seawing за нашата К линија (Kawasaki Kien Kaisha Ltd.). Системот беше инсталиран во декември на носачот на големо Capesize. Ова е прв од бродовите K Line да го има Seawing, а има можност за поставување на 51 пловен објект“, велат од компанијата.

Носачот на товар кој ќе користи течен природен гас (LNG), кој ќе се гради во бродоградилиштето Нихон, ќе стане втор со системот Seawing. Инсталирањето на системот ќе се изврши откако бродот ќе биде испорачан во 2024 година.

Технологијата Seawing претставува интегрирано решение кое вклучува технологија на змејови со автоматизиран систем за контрола на летот, развиен од воздухопловната индустрија за да ја „фати“ енергијата на ветерот. Системот е „безбеден, чист, сигурен и компактен“ и може лесно да се имплементира на речиси секое комерцијално пловило за да се намалат емисиите и потрошувачката на гориво во просек за 20 проценти, тврди компанијата.

Системот зафаќа малку простор на палубата и е фиксиран со завртки, така што може лесно да се отстрани при посета на пристаништа. Одговара на речиси сите видови бродови и не е ограничен по висина и не се меша во товарните операции. Змејот лета на височина до 200 метри за да фати помирни и посилни ветрови.

Целта на системот Seawing е да се намали оптоварувањето на товарните мотори и нивната зависност од „валканото“ дизел гориво. Системот треба да прими 50 бродови до крајот на 2023 година.