Минатиот викенд се подигна бура на интернет околу информацијата дека Ubisoft им ги одзема игрите што ги купиле од неактивните корисници на компјутери. Информациите на крајот се покажаа како неточни.

Минатиот викенд некој објави мејл на Твитер во кој издавачката куќа Ubisoft го информира дека неговата корисничка сметка за платформата Ubisoft Connect ќе биде избришана поради неактивност.

Гејмерите брзо возвратија на ова, особено оние кои се загрижени за сопственоста на игри во дигитален формат.

Некои го земаа овој пример како потврда дека се соочуваме со мрачна иднина во која ќе бидеме условени кога и како можеме да пристапиме до игрите што ги купуваме.

Иако ваквата иднина можеби не е далеку, за неа не се пишува од две причини. Како прво, не е нова вест дека компаниите имаат право да бришат неактивни кориснички сметки и да ги известуваат корисниците кои можат да го спречат тоа.

Всушност, GDPR регулативите на Европската унија бараат ова да се спроведе, за што играчите во САД не се свесни.

Друга работа, не е точна информацијата дека неактивни кориснички сметки со купени игри се бришат. Од Ubisoft изјавија за IGN дека оваа практика ја спроведуваат со години и дека при отстранување на неактивни сметки имаат неколку критериуми до кои се придржуваат. Тие критериуми се:

Корисничките сметки кои имаат барем една купена компјутерска игра не се бришат;
Корисничките сметки кои биле активни во последните четири години не се бришат;
Корисничките сметки кои имаат активна претплата не се бришат.

За да можете мирно да спиете – нема да ги изгубите сите дигитални игри што ги имате. Сè додека вие ја знаете лозинката за вашата корисничка сметка и никој друг не ја знае.