Американската вселенска агенција НАСА откри нови детали за наследникот на вселенскиот телескоп James Webb вреден 10 милијарди долари.

Станува збор за телескопот Habitable World Observatory (HWO) кој ќе има задача да бара егзопланети во вселената слични на Земјата, а се очекува да биде лансиран на почетокот на 2040-тите. Нови детали беа откриени минатата недела, при што директорот на Одделот за астрофизика на НАСА Марк Клампин истакна дека HWO сè уште е во фаза на планирање. Иако НАСА сè уште ги „пегла“ деталите за телескопот од следната генерација, новите информации сè уште предизвикуваат возбуда за иднината на астрономијата.

И додека HWO се уште е во концептуална фаза, неговото име јасно покажува кои се приоритетите на НАСА. Во последниве години, американската агенција фокусираше поголемо внимание на потрагата по вонземски живот, а сателитот James Webb ја потврди својата прва егзопланета. Сепак, се очекува HWO да ги подигне работите на уште повисоко ниво.

Новиот телескоп ќе биде дизајниран така што ќе може да се сервисира и надградува од роботи во вселената, што не е случај со James Webb. Јасно е дека тоа е голема предност бидејќи Webb се наоѓа далеку од Земјата, поради што нема да се сервисира до крајот на својот живот. На тој начин роботите ќе можат да менуваат инструменти по потреба, а токму инструментите ја прават најголемата разлика.

James Webb е оддалечен 1,5 милиони километри од Земјата, HWO ќе биде на слично растојание, а разликата меѓу нив е што Webb користи инфрацрвена светлина, додека HWO ќе „фаќа“ оптичка светлина.

Сепак, HWO не е следниот планиран за лансирање, тоа е всушност Nancy Grace дизајнирана да „лови“ темна енергија и егзопланети, а лансирањето треба да биде направено во 2027 година.

Досега се видени различни предлози за нешто што наликува на HWO, вклучувајќи ја 4-метарската опсерваторија HabEx и 15-метарскиот LUVOIR. Слично на Webb, LUVOIR би користел дизајн на сегментирано огледало, што значи дека многу поголемо огледало би можело да се спакува во ракетата. НАСА забележа дека голем дел од технологијата развиена за LUVOIR и HabEx може да се користи и за HWO.

Вселенскиот телескоп Hubble го опслужуваа астронаути кои патуваа до него во вселенскиот шатл на НАСА, но HWO најверојатно ќе биде опслужуван од автономни роботи кои моментално ги развива НАСА како дел од програмата Артемис и патувањата до Месечината.

НАСА забележа дека има намера да го искористи знаењето стекнато од програмата James Webb за да ја развие програмата HWo бидејќи сака да избегне пречекорување на трошоците и доцнење.

HWO наводно ќе има помало огледало од LUVOIR, но поголемо од HabEx и Webb, кои имаат огледало со дијаметар од 6,5 метри. Фактот дека ќе може да се сервисира е исклучително важен, а исто така значи дека оригиналниот дизајн нема нужно да биде негова конечна верзија.