Твитер, откако отпушти околу половина од својата работна сила во петокот, сега им се обрати на десетици вработени кои останале без работа и бара од нив да се вратат.

Блумберг, цитирајќи две лица запознаени со процесот, вели дека некои од оние кои биле замолени да се вратат по грешка биле отпуштени од работа.

Работниците беа отпуштени пред менаџментот да сфати дека нивната работа и искуство може да бидат потребни за да се изградат новите опции кои Маск ги замислил да ги додаде, рекоа извори од агенцијата, барајќи да не бидат идентификувани додека разговараат за приватни информации.

Твитер оваа недела отпушти речиси 3.700 луѓе преку е-пошта како начин да ги намали трошоците по купувањето на Маск. Многу вработени дознаа дека се без работа откако ненадејно им беше суспендиран пристапот до системите на целата компанија, како што се е-пошта и Slack. Колку избрзан и хаотичен беше процесот покажуваат барањата за враќање на вработените.

Портпаролот на Твитер не одговори на барањето за коментар.

„Во врска со намалувањето на работната сила на Твитер, за жал, нема избор кога компанијата губи преку 4 милиони долари дневно“, напиша Маск во петокот на Твитер.

Твитер има близу 3.700 вработени преостанати, според луѓе запознаени со ова прашање. Маск ги принудува оние кои остануваат во компанијата брзо да почнат да градат нови функции, а во некои случаи вработените дури и спиеле во канцеларија за да ги исполнат новите рокови.