За неколку денови, малото вселенско летало на американската вселенска агенција НАСА, наречено Lunar Flashlight, ќе ги открие тајните на кратерите на Месечината, кои секогаш се во сенка.

Задачата на леталото Lunar Flashlight со големина на актовка ќе биде да бара замрзната вода која би можела да биде исклучително корисна за астронаутите. Леталото треба да биде лансирано со ракетата Falcon 9 на SpaceX од Кејп Канаверал, Флорида, помеѓу 9 и 15 ноември, заедно со јапонскиот лендер Hakuto-R и роверот Rashid 1 од Саудиска Арабија.

Иако присуството на вода под лунарниот реголит е познат факт, научниците не се сигурни дали површинскиот мраз ја покрива земјата под овие ладни кратери. Бидејќи се на половите, сите региони каде што сонцето никогаш не „изгрева“ над рабовите на кратерите не нудат начин да се знае освен ако нема извор на светлина.

Токму тоа ќе го направи вселенското летало, ќе користи ласери за да ги осветли темните кратери на лунарниот јужен пол.

„Ова лансирање ќе го стави леталото на тримесечна траекторија за да стигне до својата научна орбита. Lunar Flashlight ќе се обиде да најде замрзната вода на површината на Месечината каде што никој друг не можел да погледне“, рече Џон Бејкер, проект менаџер на мисијата во лабораторијата за млазен погон на НАСА во Јужна Калифорнија.

Имајќи предвид дека Lunar Flashlight има само ограничено количество гориво, не се можни орбити кои бараат поголема потрошувачка. Навигаторите на мисијата ќе го водат леталото многу подалеку од Месечината и ќе го постават во „широка, кружна научна орбита“.

Речиси праволиниската орбита бара многу помалку гориво од традиционалните орбити и ќе го однесе вселенското летало на 70.000 километри од Месечината во нејзината најоддалечена точка, или само 15 километри над лунарниот јужен пол во најблиската точка.

„Причината за оваа орбита е да му се овозможи на вселенското летало да биде доволно блиску за да ги користи своите ласери и да се оддалечи од површината, но и да има стабилна орбита која користи малку гориво“, рече Барбара Коен, главен истражувач за мисијата Lunar Flashlight.

Сателитот, исто така, ќе влезе во историјата со тоа што ќе стане првото меѓупланетарно летало што користи нов тип на „зелено“ гориво, наместо традиционални вселенски горива како хидразин. Тоа е хидразин кој е побезбеден за транспорт и складирање, а е развиен од Истражувачката лабораторија на воздухопловните сили. Согорува низ катализатор без потреба од посебен оксидатор, поради што се нарекува монопропелант.

Леталото, исто така, ќе биде првото што ќе користи четири ласерски рефлектометри за да бара замрзната вода на Месечината.

Рефлектометарот ќе користи блиску инфрацрвени бранови должини кои лесно се апсорбираат од водата за да го идентификува мразот на површината. Кога ласерите ќе удрат во карпата, нивната светлина ќе се рефлектира назад кон леталото, што ќе биде знак дека нема мраз. Меѓутоа, ако светлината се апсорбира, ќе обезбеди докази за постоењето на мраз во темните кратери.