SpaceX, компанијата на мултимилијардерот Илон Маск, лансира илјадници сателити во орбитата, а има многу кои тврдат дека ги виделе на небото.
Лансирањето е дел од проектот Starlink, чија цел е да обезбеди брз интернет низ целиот свет. Интернет услугите се достапни благодарение на големата мрежа на сателити кои орбитираат околу Земјата. Ова е особено важно за оние кои живеат во изолирани делови на планетата.
Лусинда Кинг од Универзитетот во Портсмут истакна дека дури и во Британија има такви на кои им е потребен ваков интернет.
Како дел од проектот Starlink, од 2018 година лансирани се 3.000 сателити. Уредникот на Pocket Link, портал посветен на технологијата, Крис Хол верува дека на крајот ќе бидат потребни меѓу 10.000 и 12.000 сателити. Тој истакна дека со тоа ќе се надминат сите пречки за достапноста на брз интернет.
Во споредба со компаниите кои обезбедуваат стандардни интернет услуги, Starlink не е евтин. Во Велика Британија, месечната претплата е 89 фунти (99 долари). Сателитската антена и рутерот, кои се потребни, чинат 529 фунти (549 долари).
Како што јавува Би-Би-Си, 96 отсто од британските домаќинства и 90 отсто од домаќинствата во Европската унија и Соединетите Американски Држави имаат пристап до брз интернет.
Starlink има 400.000 корисници во 36 земји, најмногу во Северна Америка, Европа и Австралија. Целта е да се обезбедат услуги низ Африка, Јужна Америка и Азија. Крис Хол оцени дека Starlink ќе игра важна улога во поврзувањето на училиштата и здравствените институции.
Недолго по почетокот на руската агресија против Украина, Маск им стави на располагање на Украинците услугите на Starlink. Британскиот истражувач за одбранбени студии Марина Мирон истакна дека овие услуги ги користат и украинските сили.
OneWeb и Viasat се конкуренти на Starlink. Потенцијален проблем е што може да се судрат сателитите на споменатите компании. Сателитите на Starlink им претставуваат проблем и на астрономите – нивниот поглед кон ѕвездите и планетите е заматен, јавува Би-Би-Си.
Поврзани артикли