Германската компанија ќе изгради фабрика за производство на до 1,5 милиони електрични автомобили годишно

Volkswagen има големи шанси да го престигне пионерот во сегментот на електрични автомобили во 2023 година, изјави претседателот на индустрискиот совет на германската компанија, Берн Остерлох. Тој појасни дека не станува збор само за квалитет, туку и за бројка на произведени возила.

Во текот на следните 3 години, Volkswagen ќе гради фабрика што ќе произведува помеѓу 900.000 и 1.500.000 автомобили годишно. Ова е 3 пати повеќе од обемот на производство на Tesla, кој американската компанија ќе го постигне по лансирањето на Gigafactory 4 која во моментов се гради во Германија, вели Остерлох.

Остерлох воедно потсетува и на проектот Artemis, кој започна во мај. Тој предвидува концернот да создаде сопствен софтвер за електрични автомобили, кој ќе го развива брендот Audi. Центарот за негов развој веќе е преместен од Волфсбург во Инголштад, откако Volkswagen не успеа да се справи со софтверските проблеми во својот електричен хечбек ID.3.

Новиот софтвер ќе и помогне на германската компанија да го подобри процесот на развој на нови модели. До 2022 година, брендовите во групацијата Volkswagen треба да направат 27 модели на модуларната платформа MEB, развиена специјално за електрични возила.

Статистичките податоци покажуваат дека во моментов секој 10-ти автомобил на Volkswagen на германскиот пазар е опремен со електромотор. Околу 2,4% се различни хибриди, а 6,3% – целосно електрични модели. Сепак, електрификацијата станува и проблем, бидејќи според експертите, околу 400.000 Германци ќе останат без работа поради тоа.