Сателитската интернет услуга Starlink на SpaceX сега е достапна во 32 земји, соопшти компанијата.

Оваа информација на својот Твитер профил ја објави вселенската компанија на Илон Маск, наведувајќи дека услугата ќе биде испорачана веднаш, што е големо подобрување во однос на претходните ситуации, кога клиентите чекаа неколку месеци за да ја добијат платената услуга.

Тие споделија и скриншот што ја прикажува картата за достапност на оваа услуга. Така, Starlink сега е достапен во поголемиот дел од Европа, Северна Америка и делови од Јужна Америка, Австралија и Нов Зеланд.

Поголемиот дел од остатокот од светот е обоен во сино, што значи дека наскоро ќе пристигне услугата во овие делови. Тоа всушност може да се случи следната година. Овие делови од светот ја вклучуваат Македонија, како и неколку други околни земји.

На почетокот на годината SpaceX изјави дека услугата е достапна за 25 земји, но сега оваа бројка е зголемена за уште седум, што значи дека услугата моментално е достапна за 32 земји. Но, сега предноста е што SpaceX наведува дека услугата ќе биде доставена до клиентите веднаш.

Инаку, првите 60 сателити Starlink беа лансирани пред помалку од две години на ракетата Falcon 9. Оттогаш, SpaceX постојано лансира нови сателити на надморска височина од 500 километри во орбитата на Земјата.

Според планот, во орбитата би требало да има дури 42.000 од нив. Секој сателит има четири антени, соларни панели и јонски потисници кои се напојуваат со криптон кои им овозможуваат на сателитите да маневрираат во вселената. Секој сателит содржи сензори кои ја известуваат моменталната позиција и содржат автономен систем за избегнување судир. По завршувањето на нивната работа, сателитите ќе изгорат во атмосферата на Земјата во рок од 1-5 години.

Минатиот месец, Rest of World објави извештај дека повеќето корисници на Starlink се наоѓаат во Северна Америка.