Компанијата Apple објави дека нивните очила Vision Pro ќе бидат пуштени во продажба на 2 февруари во САД по цена од 3.500 долари.

Уредот може да се нарача почнувајќи од 19 јануари во 5:00 часот по Пацифичко време, известува Tech Crunch.

„Дојде ерата на просторни компјутери, Vision Pro е најнапредниот уред некогаш направен во категоријата потрошувачка електроника“, изјави извршниот директор на Apple, Тим Кук.

Според него, „револуционерниот и магичен кориснички интерфејс“ ќе го редефинира начинот на кој луѓето се поврзуваат, создаваат и истражуваат.

Од Apple ветуваат дека сопствениците на овие очила ќе имаат на располагање стари и нови видео игри и апликации кои треба да го подобрат нивното искуство, а компанијата од Купертино специјално за оваа прилика креираше нов оперативен систем, наречен VisionOS.