Компанијата Rocket Lab ја развива ракетата „Електрон“ за да може да се користи повеќе пати, а сега откри детали за следниот чекор од својата програма.

По 26-тото лансирање на ракетата „Електрон“, кое ќе се случи овој месец, Rocket Lab ќе се обиде да ја фати првата фаза од ракетата во воздух со помош на хеликоптер.

Мисијата има 14 дена да започне, почнувајќи од 19 април. Ракетата „Електрон“ треба да полета од рампата во Нов Зеланд и да земе сателити на неколку компании.

Околу еден час пред лансирањето, хеликоптерот ќе пристигне на позиција на околу 240 километри од брегот. Две и пол минути по лансирањето, првата и втората фаза на ракетата ќе се разделат, а втората ќе го носи товарот во орбитата. Првата фаза ќе се спушти назад на Земјата и ќе го активира падобранот на висина од 13 километри, додека главниот падобран ќе се активира на висина од околу 6 километри.

Хеликоптерот Сикорски С-92 потоа ќе се обиде да ја фати првата фаза од ракетата со закачување на кука на падобран, а ако се оди според планот, Rocket Lab ќе ја анализира првата фаза за да утврди дали е подготвена за уште едно лансирање. Компанијата досега изврши три успешни „спасувања“ на првата фаза на ракетата „Електрон“ од океанот по претходните мисии.

„Обидот да се фати ракета додека паѓа на Земјата не е лесна задача, но поместувањето на границите со такви сложени операции е во нашата ДНК. Очекуваме да научиме многу од оваа мисија и да продолжиме да работиме кон крајната цел, а тоа е Електрон да стане првата ракета што може да се користи повеќекратно за лансирање мали сателити и за да им обезбедиме на нашите клиенти поголеми можности за лансирање“, рече директорот и основач на Rocket Lab, Питер Бек.

Компанијата тестираше фаќање во воздух за прв пат во март 2020 година, кога првата фаза од ракетата беше пуштена со помош на хеликоптер, а со втората успешно е фатен нејзиниот падобран уште од првиот обид. Нешто повеќе од две години подоцна, Rocket Lab конечно е подготвена да се обиде да ја фати првата фаза од ракетата по вистинско лансирање.