Најмалку една третина од мразот на Хималаите, вклучувајќи го и оној на највисоките светски врвови Монт Еверест и К2, ќе се стопи до крајот на овој век, се тврди во една студија објавена во понеделникот.

Во извештајот, кој се потпира на претходни студии на истиот проблем, исто така се додава и дека ова ќе се случи, дури и ако се преземат итни мерки за намалување на емисиите на штетни гасови и се постигнат целите поставени во парискиот договор.

Водата од глечерите во тој регион се влева во 10 поголеми реки, со што се обезбедува вода за пиење, наводнување и енергетски потреби за речиси 1,9 милијарда луѓе, односно речиси една четвртина од светското население.

„Последиците ќе бидат екстремни. Загрижени сме. Потребни се итни мерки“, велат авторите на студијата.

Глечерите во тој регион се топат уште од 70-тите години, но во последните децении се забележува забрзано топење, што предизвикува сериозна економска штета и поплави, одрони и смртоносни епидемии. Доколку не се преземат мерки, тоа ќе има последици врз снабдувањето со храна и вода, што ќе доведе до раселување на населението.

Речиси 70 отсто од луѓето во овој регион се земјоделци, а климатските промени сериозно ќе влијаат врз намалувањето на количината храна што тие ќе може да ја одгледуваат, се додава во студијата.