Компанијата Meta, во чија сопственост се Instagram, Facebook и Messenger, објави планови кои споменатите платформи ги доближуваат кон метаверзум.

Instagram Story, како и директните пораки, ќе добијат 3D аватари додека аватарите на Facebook и Messenger ќе бидат ажурирани.

Споменатите опции првин ќе им бидат достапни на корисниците во САД, Канада и во Мексико. Виртуелните аватари ќе им се прикажуваат во стикери, објави, профилни фотографии, како и на Quest VR платформата.

Кога станува збор за измените, новите аватари ќе добијат поинаков облик на лицето, нов тон на кожата, нови изрази на лицето и слично.

„Ако претходно веќе сте креирале аватар на Facebook, подгответе се да видите нова страна од себеси. Вашиот аватар буквално ќе влезе во трета димензија како дел од ова ажурирање, а ние се трудиме да обезбедиме вашето ново подобрување да им одговара на претходните ваши избори што сте ги направиле. Но, сега постојат многу повеќе опции од претходно. Ќе имате можност да влезете во полето на уредување и да внесете некои промени“, стои во соопштението на Meta.

Корисниците ќе можат да креираат еден аватар за користење на сите платформи, но и да креираат посебен аватар за секоја од достапните платформи.

Извор: B92.net