Информациите и шпекулациите за претстојната Galaxy S22 серија се широко присутни, а како што се наближува Galaxy Unpacked 2022 настанот, ги има се повеќе и повеќе.

Најновите доаѓаат од страницата LetsGoDigital, која тврди дека го поседува официјалниот маркетинг материјал, поточно фотографии од Samsung Galaxy S22 Ultra. На сликата има два уреди и двата делуваат слично на фотографиите на макетите од Galaxy S22, S22+ и S22 Ultra моделите што се појавија пред неколку дена.

Црвениот телефон најверојатно е Galaxy S22 Ultra, а белиот до него е веројатно Galaxy S22+.
Текстот „Galaxy S22 Ultra“ во типичен фонт на Samsung ги отстранува сомнежите за името на најмоќниот модел, бидејќи имаше некои гласини дека компанијата може да го користи името S22 Note, откако се откажа од објавата на Galaxy Note серијата.

Системот на камери и изгледот кореспондираат со она што засега е познато за овие телефони, така што S22 Ultra има нов дизајн со посебни модули за секоја камера, додека Galaxy S22+ изгледа како еволуција на дизајнот на S21.

Интересна е и бојата на Ultra моделот, бидејќи темно црвената укажува дека Samsung ќе ја врати Burgundy Red бојата. На сликата е и S-Pen, црно пенкалце со детал во боја на врвот.

Гласините за потенцијалниот Galaxy S22 Ultra со S-пенкало кружат откако Samsung одлучи да се откаже од Note серијата, а ова е првата официјална фотографија на која се прикажува S-Pen со новиот телефон.