Тајванскиот MediaTek прв од светот на Android го претстави флегшип чипот за оваа година – Dimensity 9000. Тој беше претставен во ноември минатата година, а наменет е за премиум телефоните кои ќе пристигнат оваа година.

По него, Qualcomm го претстави Snapdragon 8 Gen 1, додека Samsung пред неколку дена го oбјави Exynos 2200. A15 Bionic на Apple дебитираше со iPhone 13 серијата, есента минатата година. Сега за прв пат добиваме увид во некои од резултатите на овие чипови и очекувано доминира A15 Bionic. Сепак, големо изненадување стигнува во светот на Android.

Познатиот дојавувач Ice Universe на својот Twitter профил ги сподели резултатите од Geekbench 5, постигнати со горенаведените чипови, како и со Snapdragon 888. Очекувано, доминира A15 Bionic на Apple, кој освои 4885 поени на тестот со повеќе јадра и 1750 поени на тестот со едно јадро.

Во светот на Android се случи големо изненадување. Snapdragon чиповите на Qualcomm досега во голема мера доминираа, но сега Qualcomm е симнат од тронот. Имено, MediaTek Dimensity 9000 постигна најдобри резултати од Android чиповите, односно 4410 поени во тестот со повеќе јадра и 1278 поени во тестот со едно јадро.

Во двата теста, Dimensity 9000 беше подобар од Snapdragon 8 Gen 1, кој освои 3752 поени во тестот со повеќе јадра и 1231 поени во тестот со едно јадро. Разликата во тестот со едно јадро е занемарлива, но сепак присутна. На третото место се најде Exynos 2200 на Samsung, кој освои 3534 поени (тест со повеќе јадра), односно 1109 поени (тест со едно јадро).

Она што секако е разочарувачки за чипот на Samsung е тоа што освои само неколку поени повеќе на тестот со повеќе јадра од Snapdragon 888, кој освои 3525 поени во тестот со повеќе јадра и 1125 поени во тестот со едно јадро. Треба да се има во предвид дека ова е чип што беше претставен на крајот на 2020 година.

Сепак, оваа информација, односно резултатите треба да се земат со одредена доза на резерва, бидејќи најверојатно тестовите се направени со телефони кои се уште се објавени и кои се во нивните тест верзии. Сепак, можно е и Dimensity 9000 чипот да е едноставно подобар чип од Snapdragon 8 Gen 1.