Motorola официјално го претстави првиот годинашен член на својата Z линија телефони – Moto Z4. Телефонот е од средниот сегмент на пазарот и ја задржува Moto Mods компатибилноста, која ја имаа и неговите претходници. 

Moto Z4 користи 6.4-инчен FHD+ OLED екран со 19:9 однос на страници и засек во облик на капка, каде е сместена 25MP f/2.0 камера. Сензорот за отпечатоци од прсти е во екранот и служи за биометриска безбедност, а самиот дисплеј има Gorilla Glass 3 заштита.

На задната страна на уредот се наоѓа 48MP f/1.7 главна камера со OIS и Quad Bayer филтер за креирање 12 MP фотографии. Тука е и Night Mode поддршката, како и стандардните AI подобрувања.

Телефонот го покренува Snapdragon 675 чипсет, во комбинација со 4GB RAM и 128GB простор за складирање. Сето ова го напојува батерија со капацитет од 3600mAh со 15W TurboPower полнење. Како претходните уреди на Motorola и Moto Z4 користи речиси фабричка верзија на Android (9 Pie во овој случај).

Moto Mods поддршката е повторно присутна, а ова вклучува и поддршка за 5G Moto mode. Присутна е и поддршка за 3,5 мм приклучок, NFC, дополнителна издржливост и друго.

Moto Z4 ќе биде достапен во Flash Grey и Frost White боите, по цена од 499 долари.