Ако возилото се движи побрзо од дозволеното, забавувачот на сообраќајот автоматски се спушта за неколку сантиметри, така што поминувањето на автомобилот преку него воопшто не е пријатно, а со текот на времето, може да се оштети и суспензијата.
Се чини дека класичните „лежечки полицајци“ полека заминуваат во историјата. Ова е случај, барем во поразвиените делови на Европската унија.
Имено, во германскиот град Ханау, инсталирани се активни забавувачи на сообраќајот, кои се инсталирани уште порано во некои шведски градови, а се шират и во Исланд, Норвешка…
За што станува збор?
Секој сет од овие „лежечки полицајци“, направен од шведската компанија Edeva, се состои од камера за надзор и активен забавувач на автомобилите. Сите возачи кои го почитуваат ограничувањето на брзината нема ни да го почувствуваат забавувачот бидејќи ќе остане на ниво на патот.
Меѓутоа, ако возачот е побрз од ограничувањето, „лежечкиот полицаец“ ќе се спушти неколку сантиметри под површината на асфалтот, па кога ќе помине автомобилот над него, ќе почувствува непријатен удар.
Така, се казнуваат само возачите кои возат побрзо од ограничувањето, а сите други ќе го минат без последици – односно, суспензијата на автомобилот нема да биде изложена на удари и нема да се оштети, а сите патници во возилото ќе уживаат во поголема удобност.
Со цел возачите навремено да бидат предупредени за овој специфичен забавувач, се поставува соодветен сообраќаен знак пред него.
Европа не е единствениот континент каде се инсталирани активни забавувачи на возила. Пред неколку години, слични „лежечки полицајци“ се инсталирани во Мексико.
Извор: Додај Гас