WhatsApp соопшти дека корисниците ќе ги изгубат функциите на неговата апликација, доколку до 15. мај не ги прифатат новите правила, но планот се промени.

„По разговорот со разните власти и експерти за приватност, сакаме да соопштиме дека нема да им ја ограничиме функционалноста на WhatsApp на оние кои сè уште не ги прифатиле измените“, потврди портпаролот на WhatsApp за The Verge.

Новите правила предизвикаа хаос, а се појави и загриженост дека WhatsApp ќе дели повеќе лични податоци на корисниците со Facebook, во чија сопственост се наоѓа. Некои податоци како телефонските броеви на корисниците на WhatsApp веќе се споделени со Facebook според правилата од 2016 година. Меѓутоа, WhatsApp ги уверува корисниците дека нема да има споделување на нови податоци, но новите правила дозволуваат можност за складирање на пораките на серверите на Facebook, кои се испраќаат до бизнисите преку WhatsApp.

Повеќето корисници кои ги видоа новите правила, решија да ги прифатат, а WhatsApp ќе продолжи да ги потсетува корисниците кои сè уште не го сториле тоа.

„Ќе продолжиме одвреме навреме да ги потсетуваме корисниците да ги прифатат новите правила, вклучувајќи го и моментот кога ќе одлучат да ги користат релевантните опционални можности како комуникацијата со бизнисот, што добива поддршка од Facebook. Се надеваме дека овој пристап ќе им помогне на сите корисници да ги прифатат правилата“, порачуваат од WhatsApp.