На почетокот на март, роверот Curiosity на NASA почна да се приближува до импресивната карпеста формација висока околу 6 метри, која научниците ја нарекоа Монт Мерку.

Роверот направи селфи на кое се гледа како стои пред Монт Мерку, покрај новата дупка од која што ќе вади примероци.

Областа што сега ја проучува роверот е во премин помеѓу „единица од глина“ и „единица сулфат“, што се наоѓа пред планината Шарп, висока 5 километри, објави NASA.

Иако изгледа како некој друг да го снимал Curiosity, тоа е всушност комплексно селфи. Ова марсовско селфи е составено од 60 фотографии направени на 26 март од страна на Mars Hand Lens Imager (MAHLI), лоциран на роботската рака на роверот. Овие фотографии потоа се комбинирани со 11 други фотографии направени на 16 март од уредот Масткам, кој се наоѓа на врвот на роверот, односно на неговата „глава“.

Роверот Curiosity беше лансиран кон крајот на 2011 година и слета на Марс во август 2012 година. Неговата главна мисија е да ја испита климата на Марс и неговата геологија за да утврди дали областа во кратерот Gale, каде што слета роверот, била поволна за развој на микробни облици на живот.