Вињетите ќе важат еден, седум или десет дена, а целта на новите правила е почист транспорт и казнување на оние кои премногу загадуваат

Минатиот четврток Европскиот парламент одобри воведување еднодневни вињети кои се базираат на растојание, односно реално поминати километри. Европратениците дадоа зелено светло за договор со владите на ЕУ за дефинирање на таксите што земјите-членки можат да ги наметнат за камионите, автобусите, комбињата и автомобилите кои ги користат патиштата во трансевропската мрежа.

Целта на новите правила е почист транспорт, односно казнување на возачите кои повеќе загадуваат, а главни „мети“ се камионите и автобусите. Така, повисоките емисии на CO2 значат и повисока цена на вињетата, додека за хибридните и особено електричните возила надоместоците значително ќе се намалат.

Според новите правила, вињетите ќе важат еден, седум или десет дена.

Земјите-членки ќе имаат две години да се подготват за примената на новите правила. Државите сепак ќе можат да ги задржат своите вињети за одредени делови од оваа мрежа доколку докажат дека новиот метод на наплата би бил непропорционален на очекуваниот приход.

Италијанскиот пратеник Џузепе Ферандино најави нови стандарди во сообраќајот:

„Многу сум задоволен што ќе воведеме еднодневни вињети за сите возила во сообраќајот. Тие ќе им овозможат на транзитните патници да платат фер цена за своето патување“.

Важно е да се напомене дека Европскиот парламент нема да ги принудува земјите-членки да наплатуваат вињети според емисиите на CO2 на нивните патишта, но доколку земјите се одлучат да го сторат тоа, тие ќе мора да ги следат правилата на ЕУ.

Тоа значи дека одлуката на Европскиот парламент се смета за препорака која секоја земја-членка може да ја прифати или одбие.

Извор: Додај Гас