Galaxy S20 FE, буџетскиот премиум телефон на Samsung за 2020. година беше многу добро прифатен бидејќи нудеше многу моќни спецификации по конкурентна цена. Поттикнат од успехот на смартфонот, Samsung вети дека ќе продолжи со објава на повеќе Fan Edition варијанти на своите премиум уреди во иднина. Сега се појавија првите знаци дека во подготовка е и Galaxy S21 Fan Edition.

Според наводите на сајтот SamMobile, уредот со ознака на модел SM-G990B моментно е во развој. Гледајќи ја шематиката на ознаката на моделот, се шпекулира дека уредот ќе се појави како Galaxy S21 FE односно Fan Edition, подоцна во текот на годината.

Моментно има многу малку детали за претстојниот смартфон. Но, доколку Galaxy S20 Fan Edition е некоја индикација, Galaxy S21 FE би требало да има водечки Qualcomm процесор (најверојатно Snapdragon 870) и ќе позајми некои трикови од камерата на Galaxy S21 моделите. Се очекува и 5G поддршка и AMOLED екран со висока стапка на освежување.

Samsung би можел да го објави Galaxy S21 Fan Edition со широка палета на живописни опции на бои. Сепак, може да помине извесно време додека не се појави телефонот, со оглед на тоа дека Galaxy S20 FE е објавен во октомври минатата година.