Според најновите извештаи, Apple работи на два нови уреди, и се фокусира на VR и AR. Веќе некое време се шпекулира дека компанијата планира нов систем на проширена реалност, а станува збор за уред кој личи на Magic Leap One. Пред него, до корисниците би можел да пристигне нов уред за виртуелна реалност, што би требало да се појави на пазарот на почетокот на 2022 година.

VR станува сè попопуларен, а претстојниот уред на Apple се опишува како „највиртуелна виртуелна машина“, па се претпоставува дека ќе донесе нови елементи, што ќе го збогатат виртуелното искуство. Уредот потсетува на Oculus Quest 2 и доаѓа во пакет со чип за кој се тврди дека е помоќен и од новите M1 чипови за Mac.

Прототипот е направен од ткаенина и дизајниран е така да се прилагодува на оние корисници кои имаат проблеми со видот, па може да работи заедно со леќите што се добиваат на лекарски рецепт. Ова значи дека врз основа на леќата што ја има корисникот, се намалува или зголемува растојанието помеѓу дисплејот и очите.

Компанијата имаше и одредени проблеми во првите фази на развојот на уредот, а повеќето компликации беа поврзани со вентилаторите, поради кои на почетокот беше преголем и претежок за подолго користење. Проблемите се појавија и поради тоа што прилагодувањето на очните помагала бара посебни дозволи, што е предизвик, а тука се и проблемите со дисплејот, за кој се тврди дека е далеку подобар од ривалските, што значи дека може да биде и значително поскап. Сето ова значи дека новиот VR уред ќе има потешкотии да биде мејнстрим како iPhone, iPad, Apple Watch и AirPods, и може да остане луксузен производ што ќе им биде достапен на ретки корисници.