Samsung го претстави својот најевтин 5G телефон досега – Galaxy A32 5G. Телефонот ќе биде достапен во Европа од 12. февруари, со почетна цена од 280 евра за моделот со 64GB. Верзијата со простор за складирање податоци од 128 GB ќе чини 20 евра повеќе.

Компанијата не објави на кој чипсет работи телефонот (според неофицијални информации, станува збор за MediaTek Dimensity 720). Samsung само посочува дека станува збор за окта-јадрен процесор на 2.0GHz, додека RAM меморијата ќе биде достапна во капацитети од 4 GB, 6GB и 8GB.

Батеријата со капацитет од 5000mAh, поддржува полнење од 15W преку USB-C приклучок. За да се потврди идентитетот, има сензор за отпечатоци, лоциран на страната на рамката.

Galaxy A32 5G има 6,5 инчен дисплеј, а TFT LCD панелот нуди резолуција 720p+ и засек во Infinity-V дисплејот за 13MP селфи камера. На задната страна има систем со четири камери, кој се состои од 48MP главен сензор (f/1.8), 8MP ултраширок (f/2.2, фиксен фокус), 5MP макро и 5MP сензор за длабочина.

Samsung Galaxy A32 5G доаѓа во четири бои: Awesome Black, Awesome White, Awesome Blue i Awesome Violet.